Вистинските родители и Вистинското семејство
Д-р Хак Џа Хан Мун

Свечен основачки собир
на Семејната федерација за светски мир
во 185 земји

Почитувани гости, членови на Семејната федерација за светски мир, дами и господа,

Ми причинува големо задоволство што можам денес да ја споделам со вас пораката за Вистинското семејство. Како што знаете, семејството е лулка на човековиот живот и камен-темелник за мирен свет.

Се надевам дека на оваа средба ќе го пронајдеме патот за изградба на вистински семејства, здрави и исполнети со Божја љубов.

Бог е апсолутен, единствен, непроменлив и вечен. Неговата волја исто така. Ако човечките суштества Адам и Ева се соединеле под Божјата љубов, сé ќе било комплетно и совршено. Божјето потекло, цел и процес на создавање, исто како и причината, ефектот и насоката - се апсолутни.

По Падот, човечките предци Адам и Ева влегле во хаос преку своето незнаење. Незнаењето и хаосот се прошириле од индивидуално ниво до ниво на семејство, народ и свет. Задача на религијата и Провидението на спасот е да нé ослободат од оваа сфера на Падот.

Во Последните денови Месијата доаѓа и јасно подучува за апсолутната, единствената, непроменливата и вечна причина, насока и ефект од Божја гледна точка. Тој ќе го исчисти светот од незнаењето и хаосот и ќе го врати во првобитната прегратка на Бога. Ова е исполнување на Божјата волја.

Ако тоа не се случи, тогаш во Последните денови сите религии, идеологии, филозофии и народи ќе исчезнат. Сега човештвото се соочува со 21 век, влегувајќи во новата историска ера на третиот милениум само за неколку години. Во овој важен момент, би сакала да го дадам овој говор за "Преглед на Принципот на Провидентната историја на спасот", за да може да решиме да се подготвиме за новата ера.

За да се оствари комплетен и совршен однос помеѓу Бога и човештвото, заснован врз Вистинска љубов, Бог бара човекот да исполни услов на одговорност, со цел тој да достигне единство со Него. Затоа било потребно Бог да ја даде Заповедта на првите предци. Со други зборови, знаејќи дека тие се во периодот на раст - на патот кон совршенство, Бог ја воспоставил Заповедта како услов Неговите деца да го наследат најдрагоценото нешто, Вистинската љубов.

Првобитно, Вистинската љубов требало да се стекне преку животно искуство и внатрешна реализација. Вистинската љубов не е нешто што може да се научи преку зборови, пишан текст или школување. Таа комплетно се доживува само низ животот. Создадени како новороденчиња, Адам и Ева требало да растат и постепено да се усовршат себеси преку искуствата на срцето на Вистински деца, Вистински брат и сестра, Вистински маж и жена и Вистински родители низ целиот живот. човекот може да ја оствари Целта на создавањето и да стане идеално човечко суштество само откако ќе ја доживее Божјата Вистинска љубов во целост.

Секоја личност посакува нејзиниот објект на љубов да биде десет милиони пати подрагоцен од него или дури бескрајно драгоцен. Исто така, и Бог посакува човештвото, неговиот објект на љубов, да стане бескрајно вредно. Ако едно човечко суштество се усоврши себеси, тогаш таа личност стекнува божествена вредност, достигнувајќи Божја светост и совршенство.

Божјиот идеал на Вистинската љубов

Бог е апсолутен, но Неговиот идеал на Вистинската љубов не може да се оствари сам по себе, бидејќи љубовта секогаш бара објект - љубениот. Сега треба да го разбереме односот помеѓу Божјата Вистинска љубов и Вистинската љубов на човештвото, како тие започнуваат и како се усовршуваат. што би се случило ако Бог не ги избрал човечките суштества како Негови апсолутни објекти на Вистинската љубов и, наместо тоа, да сакал да започне и усоврши Вистинска љубов на некој друг начин? Во тој случај, Бог и човекот би го остварувале идеалот на Вистинска љубов со различни мотивации, насоки и цели. Бог ќе требало да го достигне Својот идеал за љубовта преку објект повисок од човештвото, а човековиот идеал за љубовта ќе немал директна врска со Бога.

Но, Бог како субјект на Вистинската љубов, го поставил човештвото како објект на Својата Вистинска љубов. Според тоа, Бог може да го исполни Својот идеал на Вистинска љубов само преку човештвото. Остварувањето на Божјата цел на создавањето е идеалниот свет, каде што Бог и луѓето се обединети преку апсолутна љубов. човечките суштества се создадени како највисок објект на Божјата љубов. Само тие во целата креација ја отелотворуваат Божјата природа. Тие се родени како видливи тела на невидливиот Бог. Ако некоја личност се усоврши себеси, таа станува Божји храм, видливо, супстанцијално тело во кое Бог може слободно и мирно да престојува.

Божјиот севкупен идеал на апсолутната Вистинска љубов се реализира и усовршува преку човештвото во вертикална врска родител-дете.

Бог прво го создал Адама. Тој требало да биде Божји син и, истовремено, супстанцијалното тело на самиот Бог. Подоцна, Бог ја создал Ева, како објект-партнер на Адам, за да можат Адам и Ева да го усовршат идеалот на хоризонталната, т.е. брачната љубов. Ева требало да биде Божја ќерка и, истовремено, како невеста требало супстанцијално да го исполни идеалот на хоризонталната Божја љубов.

Местото на кое Адам и Ева би се усовршиле, остварувајќи ја својата прва љубов со брак под Божјиот благослов, е токму местото каде што Бог би ја сретнал Својата супстанцијална невеста. Причината за тоа е дека Божјиот идеал на апсолутна љубов се спушта вертикално и се приклучува таму каде што идеалот на брачната љубов помеѓу Адам и Ева се остварува хоризонтално. Божјата Вистинска љубов и Вистинската љубов на човештвото се обединуваат и усовршуваат себеси на исто место, иако доаѓаат од различни насоки: едната вертикална, а другата хоризонтална.

Зошто на Бога му треба човештвото

Божјиот чин на создавање бил неизбежен, а не можеме да замислиме создавање без цел. Единствената причина поради која на Бог му требало создавањето била да го реализира идеалот на Вистинската љубов. Бог го развил животот од наједноставните и најнижи нивоа до човековото ниво во двојки, субјект и објект и позитивност и негативност, за да создаде заемни односи под идеалот на љубовта. Идеалот на создаденото за љубовта и Божјиот идеал на врвната љубов не се одвоени, ниту различни. Овој принцип на создавање дејствува за да ја усоврши апсолутната љубов на Бога преку усовршување на љубовта меѓу мажот и жената во човечкиот свет. Затоа, на почетокот, Бог создал еден маж и една жена, Адам и Ева.

Божјата цел на создавањето барала од Адам и од Ева да се покорат на Заповедта на Бога, кој е субјект на Вистинската љубов, и да се усовршат себеси како Вистински маж и Вистинска жена. Понатаму, тие требало да станат Вистинска двојка соединета во Божјата Вистинска љубов. Потоа, имајќи синови и ќерки преку таа Вистинска љубов, тие би станале Вистински родители и би живееле среќно. Ако Адам и Ева се усовршеле себеси во Вистинска љубов, ќе ја исполнеле Божјата желба да има супстанцијално тело. Кога тие би се усовршиле себеси како Вистинска двојка, идеалот на Божјата апсолутна љубов ќе бил исполнет.

Со тоа што Адам и Ева би имале деца на добрина и би станале Вистински родители, Бог би се воспоставил Себеси супстанцијално како Вечен родител и ќе го достигнел Својот идеал. Зхителството на Небеското царство би се зголемувало бескрајно во духовниот свет, засновано на илјадници поколенија потомци во физичкиот свет.

Но Адам и Ева, човечките предци, се одделиле од Бога. Кога биле истерани од Едем, тие сé уште немале деца. Откако ги прогонил, Бог немал основа да ги следи и да го благослови нивниот брак. Така целата човечка раса потекнала од нашите грешни предци. човештвото се намножувало без каква било директна врска со Божјата љубов.

Почитувани водачи, можел ли човековиот пад да биде резултат на јадење овошје од дрво? Падот на Адам и Ева бил неморален чин против идеалот на Божјата Вистинска љубов. Фактот што Адам и Ева требало да се потчинат на Заповедта покажува дека тие згрешиле во периодот на својот раст, додека сé уште не биле совршени. Архангелот, претставен како змија, ја довел Ева во искушение да касне од Овошјето на доброто и злото и таа духовно паднала. Подоцна, таа го довела Адам во искушение (кој исто така бил незрел да јаде од овошјето) и тогаш тие паднале физички.

Единствениот можен грев што можел да биде фатален во Едемската градина, каде што Адам и Ева општеле со Бога и живееле во радост, бил гревот на забранета љубов. Бидејќи првиот љубовен однос на човечките предци требало да биде совршенство на љубовта на самиот Бог, тој требало да означи почеток на прослава што би продолжила низ целата историја, исполнета со вечен занес од радост и благослов за Бога, за Адам и Ева и за Универзумот. Тоа требало да биде радосен настан во кој љубовта, животот и Божјата лоза би биле воспоставени во човештвото. Сепак, спротивно на тоа, Адам и Ева ги покриле своите долни делови и исплашени се скриле меѓу дрвјата. Не почитувајќи го небескиот закон, тие воспоставиле неморална врска како основа за лажна љубов, лажен живот и лажна лоза.

Како потомци на Адам и Ева, сите човечки суштества се родени со првобитен грев. Падот предизвикал конфликт помеѓу умот и телото во секоја личност. Поради Падот, нашето општество е исполнето со неморална љубов, а луѓето постапуваат спротивно на желбите на својот оригинален ум.

Преземање одговорност за љубов

Според идеалот на љубов, сите љубовни односи во животинското и растителното царство служат само за размножување. Единствено човечките суштества се исклучок. Човештвото ужива слобода во брачните љубовни односи. Ова е посебна привилегија на луѓето како господари на целата креација. Бог им дал бескрајна радост и благослов на љубов на Своите синови и ќерки. Сепак, вистинската слобода што Бог ја дозволил бара одговорност од човекот. Ако поединецот би инсистирал на љубов без одговорност и би ја практикувал, колку ли конфузија и деструкција би настанало? Достигање на највисокиот идеал на човечка љубов е можно само кога личноста презема одговорност за љубовта.

За оваа одговорност можеме да размислуваме на три начини. Првата одговорност е човекот да стане господар на Вистинската љубов, вистински слободен и благодарен на Бога за слободата на љубов и да знае како да се изградува и контролира себеси. Оваа одговорност за љубовен однос не треба да се преземе само поради законот или поради општествените обичаи. Наместо тоа, личноста треба да воспостави одговорност преку своја сопствена самоконтрола и решителност во посветена вертикална врска со Бога.

Втора е одговорноста на личноста кон нејзиниот објект на љубов. Природно, луѓето не сакаат љубовта на сопругот или сопругата да ја делат со други. Хоризонталната брачна љубов, која се разликува од вертикалната љубов помеѓу родителите и децата, го губи својот потенцијал за совршенство во моментот кога е поделена. Причината за тоа е дека принципот на создавање бара сопругот и сопругата да станат едно во апсолутна љубов. Секој партнер има одговорност дадена од љубовта да живее апсолутно за доброто на другите.

Третата одговорност на љубовта е кон децата. Родителската љубов е основа за детското достоинство и среќа. Тие би сакале да се родат преку целосно и хармонично единство на нивните родители во Вистинска љубов и би сакале да бидат одгледани со таква љубов. Најдрагоцената одговорност на родителите не е само да ги одгледаат децата физички, туку исто така да им ги понудат животните елементи на Вистинската љубов, кои можат да ја усовршат нивната духовност. Ова е причината зошто семејството е толку драгоцено. Секојдневните искуства на срцето на Вистинско дете, Вистински браќа и сестри, Вистински сопружници и Вистински родители не можат да се добијат на ниедно друго место освен во Вистинското семејство.

Ако Адам и Ева станеле двојка на Божјата Вистинска љубов, Бог би можел да живее во Адам какоНегово супстанцијално тело и да ја сака Ева. Уште повеќе, Адам и Ева ќе можеле да станат Вистински родители кои суштински го отелотворуваат Бога, и да станат извор на добра љубов, добар живот и добра лоза.

Но, поради Падот Адам и Ева станале супстанцијално тело на Сатаната и завршиле станувајќи изворна зла двојка, зли родители и зли предци. Бидејќи човештвото потекнало од ваков корен, луѓето ја наследуваат оваа лоза на зли родители како потомци на прељубникот Сатана, кој е непријател на Бога.

Дами и господа, колку голема морало да биде болката на Бога кога преку Падот, нашите предци го уништиле неговиот идеал на Вистинска љубов! Луѓето што требало да бидат Божји синови и ќерки не го знаат Бога како нивни првобитен родител. Но, иако неговите синови и ќерки му служат на Сатаната, Бог работи за Провидението на спасот. Бидејќи тој е апсолутно суштество, и неговиот идеал за создаденото е исто така апсолутен. Тој го спроведувал Провидението на спасот и покрај големата тага. Божјето Провидение на спасот е Провидение на обновата, што значи - да се обнови изгубената цел на создавањето, засновано врз Вистинска љубов. Провидението на спасот е исто така Провидение на пресоздавање.

Суштината на Божјето Провидение

Врз основа на ова, коренот на Провидението на спасот е повторно создавање на семето на првобитното дете, човечкото суштество што ќе го исполни идеалот за создавање. Она што Бог најмногу го мрази, животот и крвната лоза што започнале со лажна љубов на прељубникот Сатана, мора да биде прочистено. Суштината на Провидението е подготвување за раѓање на Вистинскиот родител, Спасителот обединет со Вистинската љубов, живот и лоза на Бога.

Откако предците на човештвото не успеале да ја исполнат својата одговорност, ја наследиле неморалната лоза на Сатаната и дошле под негова власт, Бог не можел директно да се вмеша и да ги врати луѓето во нивната првобитна позиција. Уште повеќе, Бог ниту може да го казни, ниту безусловно да го прифати човештвото, кое одбрало да оди на страната на злиот архангел. Стратегија на Бога е да постави централна личност на страната на добриот архангел. Со тоа што е нападната прва, таа личност го поставува условот на отплата за да се обнови изгубеното. Сатаната напаѓа прв, но како резултат мора да прифати пораз. Првата, Втората и Третата (студената) светска војна се добар пример за ова. Страната што прва напаѓа, губи.

Од севкупната перспектива на Провидението на обнова, соработката помеѓу мајката и синот е многу важна. Така било во времето на Јаков, Мојсеј и Исус. Бог работел на Своето Провидение да ги одвои луѓето од сатанскиот живот и лоза воспоставувајќи ја основата на соработка помеѓу вториот син во семејството и мајката, која треба да ја исполни одговорноста на Ева, изворот на Падот.

Бог не може директно да се поврзе со првиот син, бидејќи тој е во директна крвна врска со Сатаната, кој преку Падот прв завладеал над човештвото. Бог ја обновувал крвната лоза на добрина така што вториот син, кој ја претставува страната на доброто, би исполнил определен услов, а потоа првиот син, кој ја претставува страната на злото, би му се потчинил на вториот син.

Во семејството на Адам, Бог го спровел провидението со кое го одбрал вториот син Авел, кој потоа требало да го потчини првиот син, Каин. Иако Ева паднала, како мајка таа можела да се потруди да создаде единство меѓу двајцата браќа. Сепак, на крајот Каин го убил Авела (Битие 4:8), со што Провидението на спас не се исполнува и се продолжува.

Исто така, и во времето на Ное постоела формула за соработка помеѓу мајка и син. Но таа значајна соработка не била остварена сé до времето на Ребека и Јаков.

Човековиот пад го извршиле три суштества: Адам, Ева и архангелот. Архангелот ја завел Ева, а подоцна Ева го завела Адама, предизвикувајќи го физичкиот пад. Како резултат, тие го напуштиле Бога, а паднатиот архангел станал Сатана. Бидејќи Провидението на спасот е Провидение на обнова, принципот на обнова може да биде спроведен единствено одејќи 180 степени обратно од Падот.

Бог го загубил Адам, кој го имал семето на Вистинската љубов и на Вистинскиот живот. Поради тоа, Бог морал да најде син со ново семе, кого Сатаната не може да го обвини. Исто како што Бог за време на создавањето прво го создал Адам, според Провидението на обновата, кое е Провидение на пресоздавање, Тој мора прво да подготви син кој нема врска со Падот. Ова е основа за идејата за доаѓање на Месијата. Месијата ги одбива грешните животи на луѓето со грешна лоза под власта на Сатаната. Тој доаѓа како Вистинска личност што го накалемува грешното човештво во семето на нов живот. Корените на Месијата се во Бога, и тој доаѓа како втор Адам, кој збришува сé што било сторено од првиот Адам. Ова е причината зошто Бог не може да испрати супермен-Месија, кој ќе дејствува само преку чуда.

За да биде роден син на земјата со такво семе на Божја љубов и живот, прво мора да постои мајка. А мајката не може да роди вакво дете на конвенционален начин. Зачнувањето мора да се случи преку формулата на обнова. Сите соработки помеѓу мајките и синовите во Провидението на обнова се подготовка и услов да се роди Божјиот син, со семе на нов живот што Сатаната не може да го обвини. Правејќи услови да ги одбегне нападите на Сатаната и потчинувајќи го првородениот син кој го претставува злото, мајката и синот ги обновуваат љубовта, животот и лозата што ги одзел Сатаната.

Значењето на Јаковата победа

Библијата, која го бележи Божјето Провидение, содржи многу приказни што се тешко разбирливи. На пример, Ребека ги измамила својот сопруг Исак и првиот син Исав и му помогнала на вториот син Јаков да го прими благословот (Битие 27). Бог бил на страната на мајката и на синот и ги благословил за нивните постапки, иако употребувале методи што на прв поглед изгледаат неправедни.

Во семејството на Адам, Каин и Авел се бореле надвор од мајчината утроба. Нивната борба довела до смртта на Авел, вториот син.

Потоа доаѓа Јаков. По заслуга на многу добри луѓе, кои платиле висока цена и се жртвувале по времето на Авел, Јаков конечно достигнал до нивото на кое Сатаната првпат завладеал над човештвото. Потоа Јаков почнал да го решава конфликтот со својот брат-близнак, Исав. Кај преминот на реката Јавок, Јаков го поставил условот на духовна победа над ангелот (Битие 32:28). И преку победата над Исав (Битие 33), кој бил во позиција на супстанцијалното тело на архангелот, Јаков бил благословен како прв победник во историјата, и му било дадено името Израел. Но тогаш тој веќе бил на 40- годишна возраст.

Сатаната го посеал семето на лажна љубов во утробата на Ева, која родила зол живот. Затоа Бог требало да ја прочисти мајчината утроба од која можел да се роди небескиот Син. Тој период на прочистување за одвојување од Сатаната морал да започне во времето на зачнување и да продолжи до 40-годишна возраст. Затоа, иако Јаков бил победоносен, не го задоволил овој критериум. Тамара била великата мајка која ја презела оваа одговорност.

Улогата на Тамара во Провидението

Тамара се омажила за Ир, најстариот син на Јуда (Битие 38). Но Ир го налутил Бога и умрел. Според обичајот во тоа време, Јуда í го дал на Тамара својот втор син, Онан, за да можат да родат дете за Ир. Но Онан, знаејќи дека детето на Тамара нема да биде негово, го истурал своето семе наземи. Бидејќи ова било грев во очите на Бога, Онан умрел.

Потоа Тамара го побарала за маж Силом, третиот син на Јуда. Но Јуда не го дозволил тоа, бидејќи сметал дека неговите двајца синови умреле заради Тамара и се плашел дека и Силом може да го снајде истото, со што би завршила семејната лоза.

Но Тамара била убедена дека таа треба да ја продолжи лозата на одбраниот народ. За таа цел, се маскирала како блудница и спиела со својот свекор Јуда, при што затруднела со близнаци. За време на пораѓањето еден од близнаците, Зара, протегнал рака за да се роди прв, но бил повлечен назад во утробата и вториот син, Фарес, се родил прв, заземајќи го местото на постар брат. Така, првиот и вториот син се бореле во утробата на Тамара и, со свртувањето на положбите се одвоиле од Сатаната. Тоа станало услов за обнова во утробата. Преку овој услов, Месијата можел да биде зачнат во крвната лоза на одбраниот народ, Израел, кој стоел наспроти Римското царство две илјади години подоцна. Тогаш можела да биде создадена победоносната основа на национално ниво во утробата на мајката подготвена за семето на Синот Божји, која Сатаната не можел да ја обвини. Врз оваа основа, во главниот тек на Божјето Провидение се појавила Светата мајка Марија.

Марија ја прима Божјата волја

Марија, како свршеница на Јосиф, примила изненадувачка порака од архангелот Гаврил, дека Месијата ќе биде роден преку неа (Лука 1:31) . Во тоа време, ако немажена жена затрудни, би била убиена. Но Марија ја прифатила Божјата волја со апсолутна вера, велејќи, "Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!" (Лука 1:38)

Марија се советувала со свештеникот Захарија, кој бил нејзин роднина и високопочитана личност. Жената на Захарија, Елисавета, со Божја помош, била бремена со Јован Крстител. Таа í рекла на Марија, "Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И одкаде ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?"(Лука 1:42,43) Со овие зборови, таа го посведочила идното раѓање на Исус.

На овој начин, Бог им дозволил на Марија, Захарија и Елисавета да дознаат за раѓањето на Месијата пред кој било друг. Сите тие имале апсолутно значајна мисија во следењето на Божјата волја и служењето на Исус. Семејството на Захарија í дозволило на Марија да престојува во нивната куќа. Исус бил зачнат во куќата на Захарија.

Елисавета и Марија биле роднини по мајчина страна. Но, според Божјето Провидение, нив ги сметале за сестри, Елисавета како постара (Каин) и Марија како помлада (Авел). Елисавета í помогнала на Марија во присуство на Захарија. Преку оваа соработка, семејството на Захарија, на национално ниво, го отплатило недостатокот на единство помеѓу мајката и синот кај Лија и Ребека во семејството на Јаков (Битие 29 и 30). Ова овозможило Исус да биде зачнат. За првпат во историјата, без сатански обвинувања и преку подготвена утроба, можело да се роди на Земјата семето на Синот Божји - семето на Вистинскиот Татко. На овој начин, единородниот Божји Син, сопственик на првата Божја љубов, се родил за првпат во историјата.

Марија морала да направи нешто што не можело да се сфати со вообичаено размислување, ниту лесно да се толерира според тогашните закони. Марија, Елисавета и Захарија биле духовно поттикнати. Тие го следеле откровението што дошло од Бога и безусловно верувале дека е тоа Божјата волја и желба.

Иако Синот Божји можел да се роди на земјата, Му бил потребен заштитен ѕид, за да израсне безбедно во сатанскиот свет и да ја исполни Божјата волја. Бог се надевал дека овие три личности во семејството на Захарија ќе ја воспостават таа заштитничка основа. Има многу нешта што треба да се имаат предвид во врска со тоа колку сериозно требало овие тројца да се посветат себеси за да го штитат и служат Синот Божји, и колку долго требало да бидат обединети меѓу себе.

Во Библијата е забележано: "И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома"(Лука 1:56). Потоа, нема библиски записи за каква било натамошна соработка помеѓу Марија, Елисавета и Захарија. Тешкотиите за Марија и Исус започнале откако Марија ја напуштила куќата на Захарија. Семејството на Захарија требало да биде заштитен ѕид за Исус, сé до крајот.

По кратко време, Јосиф открил дека Марија е трудна. Колку голема била неговата вчудовиденост во тој момент! Марија, неговата сакана свршеница, без да има односи со него, затруднела по тримесечен престој на друго место. Природно било Јосиф да ја прашува Марија чие е бебето во нејзината утроба. Што ќе се случело ако тогаш Марија отворено му објаснила сé? Ако откриела сé, тоа можело да значи крај на нивниот род. Затоа Марија едноставно одговорила дека затруднила од Светиот Дух.

Луѓето од околината почнале да ја забележуваат бременоста на Марија.Што ќе се случело ако Јосиф изјавил дека не знае ништо за тоа? Но Јосиф бил правичен човек. Верувал во откровението на Бога и ја штител Марија, велејќи дека тој е одговорен за нејзината бременост. Марија можеби била исмејувана затоа што затруднела за време на свршувачката, но ја одбегнала смртта од каменување.

Отпрвин Јосиф, кој ја сакал Марија, ја штител на овој начин. Сепак, голема болка го тиштела длабоко во срце. Кога се родил Исус, Јосифовите сомневања за неговиот татко се зголемиле и тој страдал. Како што Исус растел, тие двајцата станувале сé пооддалечени во срцата. Затоа често се појавувале семејни проблеми. Исус бил гледан како вонбрачен син и, без заштитата на семејството на Захарија и љубовта на Јосиф, тој растел со неопислива осаменост во срцето.

Нема невеста за Исус

Исус бил свесен за својот пат како Месија, и тагувал поради оваа осаменост и сериозните препреки што таа ги предизвикала при исполнувањето на Божјата волјата. Месијата е Вистински родител. За да ја исполни таа мисија, Тој требало да ја прими Својата вистинска невеста. Исус требало да ја преобрати во самиот корен лажната љубов со која Архангелот го предизвикал Падот на Ева, која растела како сестра на Адам. Според тоа, Исус, на местото на Адам како Син Божји, требало како своја невеста да прими помлада сестра на некој што е во положба на архангел. Таа невеста не била никој друг, туку ќерката на Захарија, помладата сестра на Јован Крстител. За да го исполни ова во свет каде што Сатаната играл улога на сопственик и господар, на Исус му била потребна основа од заштита создадена со апсолутна вера. За жал, сето тоа се срушило околу Него.

Ова немало да се случи ако Захарија и Елисавета, кои примиле откровение и духовна поддршка од Бога, ја задржале апсолутната вера. Ако тие ја исполниле својата одговорност, Марија постојано би била во контакт со нив, дури и по својот тримесечен престој во нивната куќа. Бог го одбрал семејството на Захарија како главен претставник на целиот свет, со цел дури и по Исусовото раѓање да го штитат, служат и сведочат за Него како Месија. Не само што требало да му служат на Исус како на Божји Син и Месија со полна верност, туку требало да ја научат Божјата волја преку Него и апсолутно да го следат. Исто така, Јован Крстител бил роден да му служи на Исус и требало да ја исполни својата одговорност, водејќи ги сите свои следбеници да веруваат во Исус и да примат спасение.

Но, за жал, иако Захарија, Елисавета и Јован Крстител прво посведочиле за Исус, нема доказ дека тие му служеле како на Син Божји. Почитуваниот свештеник Захарија бил само набљудувач. Јован Крстител останал одвоен од Исус. Овие околности ги спречиле луѓето да го следат Исуса и го направиле неговиот пат многу тежок. Кога еднаш ова семејство ја изгубило верата во Исус, гледајќи на него со човечки очи, не можело да му помогне да ја прими својата невеста.

Исус виден со човечки очи

Кога некој е нападнат од Сатаната, ја губи сета духовна поддршка и вдахновение. Верата во Бога, како и чувството за благодарност кон Него, се губат. Тој почнува сé да гледа со човечки очи. Марија не му помогнала на Исус за венчавката, која тој ја посакувал. Таа дури и се спротивставила. Ова била дирекната причина зошто Исус не можел да прими невеста и не можел да стане Вистински родител, што го присилило да тргне по патот на крстот.

Исусовите зборови упатени кон Марија за време на венчавката во Кана: "што бараш од Мене, жено?"(Јован 2:4), го откриваат неговото прекорно срце кон мајката која помага во венчавките на други а одбива да му помогне Нему да ја прими својата невеста, како најважно барање на Провидението. Одовде можеме да сфатиме зошто Исус прашал: "Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?"(Матеја 12:48)

Соочен со отпорот на Марија, Захарија, Елисавета, и конечно, на Јован Крстител, Исус се откажал од надежта за нивна заштита при исполнувањето на својата мисија. Затоа Исус го напуштил својот дом, во потрага по нова духовна основа за повторно да го започне Провидението на спасот.

Сега без семејство и дом, Исус тагува: "Лисиците имаат легла и птиците небески - гнезда; а Синот човечки нема каде глава да засолни."(Матеја 8:20) По губењето на семејната основа, Исус се обидувал да ја замени. Тоа била неговата тригодишна мисија.

На крајот, бидејќи луѓето не му верувале и учениците ја изгубиле верата, Исус бил нападнат од Сатаната. Кога неговата основа се срушила, тој тргнал по патот на крстот. Првобитно, Исус дошол на земјата како Месија да ги благослови своите следбеници и целото човештво. Тој требало да го изгради безгрешното Небеско царство. Но, бидејќи луѓето не верувале во него, тој не можел да ја прими својата невеста, не можел да стане Вистински родител, ниту да ја исполни својата мисија. Поради тоа и ветил дека ќе се врати.

Според Библијата: "Сé што ќе поврзете на земјата, ќе биде поврзано и на небото; и сé што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото". Затоа денес јасно ја откривам оваа вистина за Исус и Марија, со цел да ги ослободам и покрај спротивставувањата на некои големи цркви.

Довршување на идеалот на Вистински родители

Господарот на Второто пришествие доаѓа да ја усоврши основата на Божјето Провидение на обнова, недовршена од Исус. Значи тој доаѓа како семе на првобитното, Вистинско дете да го доврши идеалот на создавањето. Тој доаѓа да го доврши идеалот на Вистинските родители, кои се извор на Вистинската љубов, Вистинскиот живот и Вистинската крвна лоза на Бога. Тој доаѓа врз победоносна основа на фундаменталното Провидение на Божја страна пред времето на Исус. Исто така, тој стои на победоносната основа на Исусовиот живот и ја наоѓа невестата што Исус не можел да ја најде. Заедно, тие стануваат Вистински родители, за да го спасат целото човештво.

Преку благословот на нови бракови што пренесува Божјата оригинална крвна лоза, Вистинските родители ќе бидат способни да дадат спас за целото човештво. Луѓето ќе станат Вистински личности, накалемувајќи се на Божјата Вистинска љубов, Вистински живот и Вистинската крвна лоза. Уште повеќе, Месијата ќе воспостави Вистинско семејство, создавајќи Царство небеско на земјата. На тој начин, преку Интернационални Свети венчавања, ќе се воспостави оваа нова крвна лоза, кога Господарот на Второто пришествие ќе дојде како човек.

На ниво на големо светско семејство, Господарот го отплаќа она што е изгубено во семејството на Адам и ги обновува Вистинското право на првородениот, Вистинското родителство и Вистинското кралство, кои требало да бидат усовршени во семејството на Адам. Тој ќе го преобрази овој свет во Царство небеско на земјата под Божја власт и, со тоа, ќе го отвори патот кон Царството небеско во духовниот свет. човештвото ќе влезе во ерата на кралство и духовно и физички насочено кон Бога и ќе се создаде Царство небеско на земјата и во духовниот свет, што е Божји идеал за создаденото. Ова е прегледот на Принципот на Провидентната историја за спасот. Се надевам дека сите вие во иднина исто така ќе можете да го примите овој радосен, нов благослов на бракот.

Драги мои водачи и почитувани гости, сакам повторно да ја изразам мојата благодарност што одделивте време од вашиот презафатен живот, за да присуствувате на овој значаен собир. Се надевам дека можете јасно да го разберете правецот на историјата на Провидението, за да можете да станете вистински водачи во воспоставувањето мирен свет. Бог нека ве благослови вас и вашите семејства. Ви благодарам.