Да бидеме благодарни

18-ти Јуни 1978
Лондон, Г. Британија
Преведувач - Санг Кил Хан

 

Никој не планирал дека ќе се роди. Ние едноставно гледаме дека веќе сме родени. Дури и вашите родители не можеле да планираат какво бебе ќе имаат, иако тие ве создале. Денеска, поради напредокот на науката лесно може да се одреди полот на бебето пред тоа да се роди, но порано дури ни тоа не било можно.

Дали некогаш сте размислувале што би сакале да бидете ако сте можеле да го планирате вашето раѓање? Сега сте возрасни и веќе имате изградено некаков концепт за животот, но сепак, ако би можеле да го испланирате својот лик пред да се родите, тогаш без сомнение би биле некое многу особено бебе. Но и покрај тоа што се би излегло според вашите очекувања, дали тоа би можело да ви пружи задоволство за подолго време?

Иако би се родиле според вашите сопствени норми, тоа сепак не би можело да ве задоволи во потполност. Се уште би имало многу елементи со кои што не би биле задоволни. Без сомнение многумина од вас, особено жените, се жалите за својот изглед: "Зошто моите родители не ме родија малку поубава? Зошто имам ваков нос, а таква уста?" Дали некогаш сте се чувствувале така?

Многупати ги имам запрашано жените за кои сите се согласуваат дека се убави, дали тие самите се чувствуваат убави. Скоро секогаш тие одговараат "Не." Тие се незадоволни од многу нешта во врска со нивниот изглед. Сите им се восхитуваа на очите на една девојка, но таа мислеше сосема поинаку: нејзините очи биле дел од лицето што таа најмногу го мразела. Тие ја потсетувале на еден лош човек, и секогаш кога ќе се погледнела во огледало, тоа несреќно сеќавање се повторувало. Иако многу луѓе и завидуваа на нејзината убавина, таа наоѓаше многу мани на својот изглед. Никој не е задоволен со себеси иако другите луѓе мислат дека тој би требало да биде. Тоа многу често се случува. Гледате дека ова не е едноставна тема.

Некој беше среќен затоа што сте токму такви какви што сте

Зачнувањето започнува со две клетки кои постојано се делат, и кај возрасен човек бројот на клетки е навистина астрономски. Растојанието од петиците до врвот на главата можеме да го споредиме со растојанието од едниот крај на Сончевиот ситем до другиот. Едно бебе во утробата на својата мајка е веќе прилично голем универзум.

Клетките не знаат како ќе биде оформено целото тело. Замислете очите да не си го пронашле своето место и наместо тоа завршиле кај папокот. Можеби едната дланка би се свртила наопаку, а другата би пораснала нормално. Носот би можел да стане крив со само едно лошо поврзување на клетките, или заб да израсне од врвот на прстите. Замислете си колку е лесно деловите од вашето тело да бидат погрешно сместени. Па сепак не се. Се си е на своето место. Дури и да не се чувствувате убави можете да се чувствувате смирено и среќно затоа што сте биле родени нормално.

Дали некоја од вас жените се чувствува несреќна затоа што се родила како жена? Земајќи ги во предвид сите комплицирни процеси на вашето тело вие ги имате сите причини да бидете благодарни што сте се родиле такви какви што сте. Многу мајки кога се пораѓаат велат дека е толку болно што посакуваат бебето да биде мало како тупаница. Но кога бебето ќе се роди мајката прво проверува дали е се нормално. Таа ги проверуваа очите, ушите, носот, рацете и нозете и му ја отвора устата за да се увери дека бебето има јазик. Големо олеснување е кога на бебето за првпат ќе му се придвижат цревата и урината ќе потече правилно. Ова можеби звучи смешно, но мајката е прилично сериозна за да се осигура дека бебето функционира нормално. Дали можете да го разберете тоа или пак мислите дека мајките се грижат премногу? Мајката е многу неспокојна додека бебето не почне за прв пат да пие млеко; тогаш за прв пат знае дека има совршено нормално бебе и нејзе и олеснува.

Треба да знаете дека некој бил среќен затоа што вашите очи се такви какви што се и секој дел од вашето тело е таков каков што е. Вашата мајка била првата која навистина се радувала на начинот на кој вие функционирате. А што е со вашиот татко? Вашата мајка била толку среќна откако се осигурала дека се е во ред, така што кога го видел нејзиното олеснување вашиот татко бил исто толку среќен.

Дали некоја мајка доејќи го своето бебе може да помисли дека би било подобро ако дел од лицето на нејзиното бебе би било поинакво? Дури и ако бебето е очигледно вон сите пропорции, таа никогаш нема да помисли така, затоа што е среќна дека нејзиното бебе е здраво. Дали таткото се чувствува среќен исто така? Дали некој татко го одгојува своето бебе мислејќи дека тоа ќе мора да направи пластична операција кога ќе порасне затоа што не е многу убаво? Напротив, иако таткото мисли дека детето не е многу убаво, тој верува дека како што тоа расте се ќе си дојде во свои природни пропорции. Нели мислите дека таткото и мајката се чувствуваат така?

Дали некогаш сте ја слушнале изреката дека кога бебето е многу убаво тоа нема да биде толку атрактивно кога ќе порасне, а кога бебето изгледа прилично грдо кога ќе се роди, дека ќе порасне многу убаво? Ова изгледа дека е вистина во општ случај. Девојка која изгледа шармантно на 20 или 21 година, изгледа дека станува помалку убава како што старее. Ако таа изгледа малку дебела на 21 или 22 години тогаш ќе изгледа добро целиот свој живот и нема да биде грда кога ќе остари. Без разлика колку е убава некоја девојка, изгледа дека е тешко да ја задржи таа убавина откако ќе роди три деца.

Вашите родители биле првите што биле загрижени за тоа како изгледате и еднаш кога вашата мајка била задоволна и се било во ред таа се молела и се надевала и правела се за вас. Сега кога сте наполно возрасни луѓе какво право имате да се жалите околу вашиот изглед? Неправедно е да се жалите за тоа како изгледате. Ако го одржувате вашиот дух убав, тогаш и вашето лице и тело ќе се подобруваат, станувајќи се поубави и поубави.

Секој кој што се чувствува благодарен во невозможни околности ќе оди на највисоко место

Ако не ви се допаѓа како изгледате, посакувате ли да можете да го обликувате вашето според некој модел? Се разбира не. Нема две ливчиња од едно цвеќе кои се исти и ако внимателно ги испитате сите стени и камчиња на планината, ќе видите дека сите тие се различни. Тоа е една од убавините на природата и таков е начинот на кој што сте и вие родени. За почеток, треба да бидеме благодарни дека сме биле родени нормално, дека нашите очи функционираат правилно и дека не се на погрешно место и да не се грижиме за тоа дали имаме атрактивен изглед. Како прво треба да сме среќни што сме се родиле, а понатаму треба да им бидеме благодарни на нашите сопствени родители. Ако не сте среќни од тоа какви сте се родиле, тогаш како ќе можете било кога да им бидете благодарни на своите родители?

Сега сте возрасни и постигнавте многу работи во својот живот пред конечно да се приклучите во Обединувачкото движење. Дали фактот што сте членови во движењето треба да биде причина за жалби или причина да бидете благодарни ? За што сте толку благодарни? Секое неделно утро треба да станете рано и уште поспани да дојдете тука и после мојот говор треба да одите надвор и да се среќавате со секакви проблеми со луѓето. Како можете да бидете благодарни?

Фактот дека ние сме живи и се изморуваме и ни се приспива е извор на благодарност. Вчера вечер до 4:40 разговарав со еден од постарите членови кој што неодамна пристигна да даде извештај. Воопшто не спиев и кога дојде време за служба само си го измив лицето и дојдов овде. Иако бев наполно изморен чувствував дека е потребно да зборувам со вас, семејните членови. Понекогаш не е лесно, посебно по непреспана ноќ, но и тогаш се чувствувам благодарно. Знаете колку е големо задоволството кога ќе работите многу без одмор и кога конечно ќе најдете шанса да се одморите.

Дали мислите дека во вашиот живот, посебно во иднина, ќе има повеќе моменти кога ќе бидете благодарни или повеќе моменти кога ќе бидете несреќни? Дали ќе ви се случат повеќе непријатни или пријатни работи? Дали можете да кажете дека сте среќни сега? Дали се чувствувате благодарни?

Зошто ви ги зборувам овие работи? Можете да одговорите дека таков став одлучува кој ќе оди на најдоброто место во духовниот свет. Ако зборувам премногу за духовниот свет тогаш ќе се чувствувате зашеметено! Со еден збор, секој кој се чувствува благодарен среде невозможни околности, ќе се најде себеси на највисокото место во духовниот свет.

Можеби се прашувате на кого личат вашите очи. Се разбира постои само една личност на која личите, Самиот Бог. Никој друг. Вашиот нос, ушите, рацете и нозете - се личи на Божјите. Некои луѓе се високи, некои се ниски, некои се големи а некои мали и сите тие се од голема корист во Божјиот свет.

Кога треба да избегате брзо од некоја ситуација, мислите ли дека е подобро да се биде голем или мал? Кога има голема толпа луѓе и вие сакате да избегате што побрзо, малите луѓе имаат многу предности. Сигурно, кога би требало да сместиме многу луѓе во една соба, наоѓаме дека е многу удобно да се биде мал. Од друга страна ако треба да симнете нешто од некој висок рафт тогаш е многу подобро да се биде висок.

Помалите луѓе понекогаш чувствуваат, "Зошто сум толку мал кога сите се толку големи?" Никогаш немојте да мислите така. Малите луѓе имаат многу предности. На пример ако некаде има поплава најмалите први би потонале и ќе се подразбира високите луѓе да ги носат малите на раменици. Исто така, за време на глад вие треба да си мислите, "Јас бев роден подготвен за оваа ситуација. Бидејќи сум мал не мора да јадам многу." Кога нема што да се јаде, а вие сте многу големи - сигурно ќе гладувате. Но ако сте мали никогаш нема да гладувате. Треба да сте благодарни поради тоа. Ако вашите родители имаат скриено некој скапоцен камен во некоја мала дупка вие ќе бидете единствениот што ќе може да го извади.

Никогаш не се чувствувајте незадоволни и не се жалите за начинот на кој сте родени, дури и ако сте мали. Мислете на тоа како ноќе голем човек може многу лесно да се удри во вратата во темницата додека пак ако сте мали полесно ќе го одбегнете тоа. Секогаш треба да размислувате на ваков начин, затоа што секогаш постои некоја добра причина позади сите нешта. Ако размислувате на ваков начин секогаш ќе бидете попозитивни за тоа што сте се родиле.

Имајте доверба бидејќи доаѓате од Бог

Можеби чувствувате дека немате никаков посебен талент, но и оној што го има сигурно не е многу за завидување. Да се родиш без никаков талент е веќе посебна дарба. Многу талентирани луѓе имаат различни проблеми поради својот таканаречен талент. Ваков став треба да имате за се во животот. Тоа не е само начин на справување со работите туку и подобар однос и начин на живот отколку некој кој бил роден талентиран но има секакви проблеми.

Многу жени не сакаат да пеат затоа што мислат дека не се убави, но тоа не е добар став. Жаба крекачка воопшто не е убава па сепак таа пее најгласно од сите. Без разлика што чувствувате за себеси вие сте сепак убави и згодни и треба да пеете без оглед на се. Морате да се чувствувате така цело време.

Секој може да сака човек кој може да пее и да биде оптимист. Дури и Бог го сака таквиот човек повеќе отколку оние кои се постојано осамени или депримирани. Никој не сака да слуша само критики и коментари цело време, вклучувајќи го и Бог. Некои кучиња се многу мили но не ако постојано лаат. Кучето треба да лае понекогаш, но повеќе треба да е послушно.

Убава девојка може да има насмевка што секому се допаѓа, но дури и да не сте толку убави вашата насмевка има единствена привлечност. Убавата девојка никогаш не може да се насмее на начинот на кој што вие можете. Вие се насмевнувате како што никој друг не се насмевнува и се смеете како што никој друг не се смее.

Луѓето одат на различни начини, секој со свои уникатни карактеристики. Не постојат двајца луѓе кои одат на потполно ист начин. Некои луѓе дури одат како да пливаат или пак како да се обидуваат да дофатат нешто цело време.

Луѓето можат да имаат до некаде слични црти па сепак сите се смеат различно и сите се насмевнуваат различно. Некои луѓе се смеат со устата додека другите се смеат со очите. Не постојат стандарди за смеење. Вие сами си го поставувате стандардот за смеење.

Може да се чувствувате доволно смели да кога ќе видите некоја девојка на натпревар по убавина си мислите: "Таа се наоѓа во процесот на доближување на мојата насмевка. Мојата насмевка е совршена и таа е само во процес да стане како мене." Ако не ви се допаѓа вашето лице тогаш чувствувајте го со допир наместо да го погледнувате. Тогаш ќе знаете дека е тоа многу добро лице.

Сите се различни; тие што изгледаат симпатично од напред, не се толку симпатични од назад, тие што изгледаат убаво од страна, не се толку убави од напред или од назад. Жена за која сите мислат дека е убава може има сосем непривлечни раце или нозе. Некои жени имаат колкови сосем преголеми и вон пропорции во однос на остатокот од телото.

Ако некој маж или жена е убав(а), но неговите уши се движат како ушите на магаре таков изглед е сосем непропорционален и неатрактивен. Ако пак човекот не изгледа толку посебно, а неговите уши изгледаат како на магаре тоа всушност не изгледа толку неубаво. Ушите се балансираат со остатокот од лицето. Стандардна убавина со уши како на магаре не е складна, но едно просечно или неатрактивно лице со такви уши изгледа сосем складно. Сега знаете дека не треба да ги сфаќате толку едноставно тие нешта затоа што се многу важни за да можете да се однесувате правилно.

Дали некогаш сте се молеле на Бог велејќи:"Боже зошто изгледам вака? Дали може да го подобрам мојот изглед?" Ние имаме приказна за една баба од Кореја, стара и збрчкана како тиква. Секаде каде што ќе одев јас, и таа ќе беше таму затоа што толку многу сакаше да биде со мене. Дури и ако никој не знае каде сум, кога ќе пристигнам таа е веќе таму. И ако ја прашам како ме нашла тогаш таа вели: "Морав да се снајдам". Секогаш кога давам говор таа е таму и слуша во првиот ред. Ако некој ја праша: "Зошто седиш толку блиску до Таткото цело време?", таа вели:"Страв ми е дека ако Таткото не го види моето лице ќе му недостасувам." Таа искрено и го чувствувше тоа.

Еднаш и реков:"Престани да ме следиш цело време и никогаш повеќе немој да седиш блиску до мене. Се ми оди наопаку дури и ако само те погледнам!" Тогаш таа навистина имаше проблем, затоа што не можеше да замисли да не ме гледа повеќе. Откога зборував така остро со неа таа наеднаш исчезна за три дена и мене ми стана полесно. Тогаш таа всушност отиде и сериозно му протестирала на Бог:"Боже, Ти едноставно мораш да направиш нешто во врска со ова. Таткото вели дека јас сум толку грда, што тој едноставно не може да поднесе да ме гледа цело време." И уште го праша Бог што треба да прави бидејќи едноставно не може да замисли да не е покрај мене.

Јас си мислев дека си отишла за секогаш, но по три дена се врати со огромна насмевка на лицето. Таа беше толку среќна што застана уште поблиску од порано и јас ја прашав:"Каде беше последните три дена? Јас си мислев дека си замина за секогаш." Таа одговори:"Му се молев на Бог." Тогаш ја прашав:"И што ти одговори Тој?" И таа ми кажа:"Бог ми рече дека воопшто не треба да се грижам за тоа како изгледам бидејќи без разлика колку и да сум грда, јас сеуште личам на Него, како и најубавата девојка што исто го има Неговиот изглед. Тогаш Бог ми рече да седнам уште поблиску до тебе затоа што јас изгледам точно така како што изгледа Тој. Токму вака Бог ми го кажа ова." Оваа приказна стана вистински извор на инспирација за секого. Ако дури и една 80-годишна бабичка има тааква храброст тогаш вие младите мора да имате доверба во начинот на кој што изгледате и во талентите што ги имате затоа што тие доаѓаат од Бог. Можете да бидете сигурни дека, без оглед на тоа како си мислите дека изгледате, целото човештво е навистина заљубено во вас. Не само еден двајца туку сите луѓе навистина лудуваат по вас. Ова е многу важно.

Бидете задоволни со себеси пред да излезете

Ако не се сакате себеси дали мислите дека некој друг може да ве сака? Никој нема да ве сака ако не се сакате прво вие самите. Личноста која се мрази себеси секој ќе ја мрази. Човек е свој најдобар пријател и ако тој самиот не се сака, тогаш од кого може да очекува да го сака?

Исто така е природно ако јас се сакам себеси толку многу, за возврат да ги сакам моите татко и мајка. Бидејќи се сакам себеси и некој друг може да ме сака исто така. Ако се сакам себеси, тогаш во исто време можам да сакам и други луѓе. Вие морате така да мислите. Ако постојано се чувствувате така и го практикувате тоа тогаш можете да бидете сакани од други луѓе.

Ако навистина го внесете елементот на светлина за време на вашиот живот од 70 или 80 години на земјата, тогаш живеењето ќе ви стане прилично едноставно. Нашиот целокупен живот се дели на шест категории: да се оди некаде и да се дојде, да се чувствува добро или да се чувствува лошо, да се заспие навечер и да се разбуди наутро. Нашата задача е како потполно да ги искористиме овие шест категории. Кога тоа би било добро, да се оди на некое место или да се замине од некое место; кога тоа би било добро да се заспие или да се разбуди; и ако се чувствувате добро откако сте се чувствувале лошо, вашето време ќе биде добро потрошено.

Кога се чувствувате добро и тогаш тоа го проширите на Бог, и Тој ќе се чувствува добро. Кога се чувствувате добро и го проширите тоа на други луѓе, тие исто така ќе се чувствуваат добро. Ова е вистински религиозен живот. Јас сакам да сум овде во Англија, па така и остатокот на странски членови ќе го сакаат тоа. Ова е за мојата среќа како и за среќата на сите други. Фактот што ние сме овде и ја вршиме работата ми причинува задоволство и му причинува на Бог задоволство на истиот начин.

Секој мора да научи дека ако некогаш јадете храна што не ви е по вкус, треба да ја јадете како тоа да е највкусното нешто на светот. Тогаш ќе ви е вкусно. Убаво е да се јаде вкусна храна, но ние треба да правиме работи што обично не би ги правеле. Ако џвакате залак леб доволно долго тогаш тој ќе има многу сладок вкус. Таа едноставна храна може да биде толку вкусна и слатка што никогаш повеќе нема да посакате да јадете путер или сирење со неа затоа што го прикрива тој едноставен вкус на леб. Напорната работа може да биде дури и попријатна отколку безделништвото затоа што по завршувањето одморот причинува дури и поголемо задоволство од обично.

Ова утро сакам да научите дека ние едноставно мораме свесно да бидеме благодарни за она со што сме надарени. Кога ќе се разбудите наутро и го видите сонцето како свети морате да верувате дека сонцето свети за вас, а не само за некој друг. Вие можете дури и да мислите дека ако вие не постоевте, сонцето повеќе не би било потребно. Птиците пеат, дури и инсектите брмчат само за да ви угодат вам повеќе отколку на било кој друг. Треба да чувствувате, "Ѕвездите треперат и месечината свети само за мене." Секој од нас треба да се чувствува така.

На секого треба да му премине во обичај да биде благодарен за многуте нешта што до сега ги сметал за банални. "Тоа постои само за мене и ако јас не го ценам тогаш сето тоа е упропастено, што едноставно не е во ред." Каде и да одите, чувствувајте се благодарни што овие нешта постојат за вас. Дури и ако треба многу голем свесен напор да се разбере ние треба да ја научиме оваа лекција на благодарност за секоја ситуација.

Повеќето цркви имаат комфорни клупи и убави оргули, но овде ние се навикнавме да седиме на подот. Откако сте седеле по три, четири или пет часа вашите нозе ве болат и вашите стапала се умртвуваат. Ако можете да мислите дека ова е добра ситуација тогаш почнувате да разбирате што е благодарност.

Голем број добри луѓе кои не направиле никакво зло биле пратени во затвор. Ако се најдете себеси во затвор иако немате направено никакво зло, тоа ќе биде потполно ново и пошироко искуство. Тоа исто така треба да служи како извор на благодарност. Кога одите од врата на врата и сведочите вие не можете да очекувате дека ќе бидете добродојдени од луѓето од самиот почеток. Вие навистина треба да бидете задоволни во себеси и пред да тргнете мислете си: "Какви луѓе ќе сретнам денеска? Сигурно ќе сретнам различни луѓе - ниски, високи, луѓе со насмевки на лицата, луѓе кои оставаат лош вкус во мојата уста." Едноставно мислете дека тие се таму за ваша сопствена забава. Како прво вие треба да бидете задоволни; тогаш како што ги посетувате ќе бидете во состојба да ги примите сите нивни различни реакции.

Ако сте многу зафатени и одите некаде но некој ве запре да ве праша за патот, никогаш не мислете дека тоа е измачувачко нешто.Застанете за момент и објаснете му како да отиде до својата цел. Во тој момент вие постоите само за тоа нешто; со такво чувство требате да ја извршите таа служба. Едно нешто е сигурно; со тоа никогаш нема да загубите. Многу добивки ќе резултира од таквиот вид ситуација и таквото држење. Никогаш нема да загубите бидејќи тоа е природата на универзумот.

Нерасположеноста може да избрка некого кој многу се обидува да ви помогне. Потполно е можно тој да биде од извонредна помош за вас, но поради вашата нерасположеност највероватно ќе го избркате.

Почнувајќи од денес, живејте живот на благодарност

На еден начин или на друг сите вие му се имате придружено на Обединувачкото движење и откако дошол секој е благодарен што е овде. Кого Бог би сакал повеќе или кого Небото би сакало повеќе - оние кои секогаш беа благодарни и среќни во нивните десет години откако му се придружиле на движењето или оние кои секогаш се жалеа? Без да се каже се подразбира дека оние луѓе кои што живееле благодарен и среќен живот за време на овие десет години ќе бидат најмногу добродојдени од Небото.

Почнувајќи од денес вие ќе почнете да водите живот во кој ќе бидете среќни и благодарни, нели? Тогаш во вашиот ум нема облак и вие се чувствувате помалку уморни и потиштени. Ќе работите поефикасно и дури и ќе постигнете подобро се што планирате.

Можете да го проверите ова практикувајќи го за една недела, обидувајќи се секогаш да бидете благодарни и среќни колку што можете повеќе. Тогаш на крајот на неделата молете му се на Бог за било што. Ќе чувствувате дека вашата молитва ќе дојде послободно и ќе биде одговорена веднаш. Тоа ќе биде како да ги гледате сончевите зраци. Ако пак се чувствувате многу несреќни внатре, како да имате облак над вашиот ум, тогаш на крајот на неделата кога ќе му се молите на Небото ќе чувствувте тешко чувство и ќе знаете дека вашата молитва не работи добро.

Ќе откриете дека секогаш треба да ги заштитувате отворите на вашето тело; ги имате седум на вашето лице. Кога слушнете нешто морате да го слушате на позитивен начин и да чувствувате дека тоа прави нешто добро за вас. Чувствувајте дека тоа е наменето за ваше добро. Дури и ако слушнете некој да се жали, мислете дека тој се ослободува од неговите сопствени проблеми; никогаш немојте да дозволите тоа да ве вознемири.

Кога вашите очи видат нешто, гледајте на тоа секогаш на позитивен начин. Ако видите некој кој ништо не прави како што треба, тогаш мислете, "Тој се обидува да се ослободи од неговите сопствени проблеми на тој начин." Свртете се во нешто позитивно. Тогаш можете да гледате со великодушни очи. Чувствувајте дека една личност ќе направи одредено нешто како резултат на тоа дали или не вие гледате на неа со великодушни очи.

Понекогаш луѓето не сакаат лоши миризби, но вие морате да го научите носот на една лекција. Дајте му проповед на вашиот сопствен нос за тоа како тој сака убави миризби, но исто така треба да сака и непријатни миризби. Кога зборувате, зборувајте како да пеете. Кога имате некој тешки работи да ги сработите, прифатете го фактот дека понекогаш треба да работите и напорна работа.

Кога се чувствувате задоволни во себеси тогаш ќе станете многу великодушни. Од рано наутро до вечер гледајте го секого на позитивен начин и никогаш немојте да се навредувате од луѓето. Тогаш навечер нема да се чувствувате толку уморни туку дури и ќе бидете инспирирани да им зборувате на луѓето повеќе. Ако искусите еден ден во вашиот живот така тогаш вашето сведочење ќе стане многу успешно. Дури иако ниедна личност не ви одговори во тој ден, вашето чувство ќе биде насадено во сечие срце и таму ќе расне.

Кога бев во затвор, вообичаено се молев по седум часа на ден. Еден ден во затворот некој ми рече нешто што толку ме вознемири што не можев да не извикам еден збор за возврат. На мое вчудовидување ми требаа полни две недели да се опоравам од тоа. Понекогаш е толку тешко. Вознеми-реноста и лутењето многу го повредуваат религиозниот живот, оштетувајќи го внатре-шниот мир. Знаете дека само во топлите денови цвеќињата цветаат, а не во бурните студени денови. На истиот начин нашите умови треба да ја создадат оваа топла клима во која што ќе цветаат.

Оние кои никогаш не чувствуваат задоволство или мир и благодарност во нивните умови, никогаш нема да можат да им помогнат на други луѓе, а камоли да ги спасат. Кога одите надвор да сведочите, луѓето понекогаш ќе ви речат груби зборови, но никогаш не им се лутете. Бидете подготвени и одговорете си: "Сега е време навистина да бидам благодарен".

Ако го практикувате само ова едно нешто за време на вашето сведочење, тоа може да ви донесе повеќе смисла на добрина во вашиот живот отколку било што друго. Вреди да го потрошите остатокот на вашиот живот учејќи го ова едно нешто, да се биде благодарен под сите околности. Можете да бидете благодарни бидејќи нештата се тешки. Луѓето често ми се жалат дека ништо не им оди мазно, но тогаш тие треба да се обидат повеќе да ги завршат нештата. Ако можете да ги надминете сите тешки ситуации и се уште сте благодарни, тогаш вие имате ништо друго освен успех пред вас.

Деновиве некои од вас си носат храна со себеси за време на денот. Дали ја ставате во вашиот џеб? Понекогаш тоа е незгодно затоа што таа е претешка, но потоа тоа може да биде извор на благодарност исто така. Дали некогаш сте го имале импулсот да го тешите сендвичот што се удира во вашиот џеб целото утро и му речете: "Ти работеше напорно и сега ќе те јадам на добар начин"? Ако се чувствувате така, тоа открива добра природа. Јадењето на едноставна храна е многу повкусно еднаш откога знаете како да бидете благодарни.

Можеби го започнувате денот надвор со благодарен ум, потоа до ручек чувствувате малкуцка незадоволство, потоа за вечера сте можеби благодарни, но вечерта се жалите малку повеќе. Каков е тој ден? Колку подобро би било ако сте имале благодарен ум во текот на целиот ден. Сакате ли да станете такви?

Дали секој од вас има шамиче? Ако немате, треба да си купите едно и да го користите за тренинг. Еден начин е да го завиткате околу раката; потоа во нормален ден ако посакате да се пожалите погледнето го шамичето и тоа нека ве потсети на одлуката од ова утро. Овој вид на техника е неопходен.

Досега вие сведочевте со ваков став: "Јас треба да го сторам ова и немам многу избор". Ако одите да сведочите со такво расположение не можете да бидете благодарни поради целта што ја служите. Колкумина од вас имаат сведочено со благодарен ум? Немојте да лажете!

Имаме многу нешта за кои што треба да бидеме незадоволни бидејќи центарот е пренатрупан, храната не е многу добра и не можете да се туширате секој ден. Понекогаш сретнувате луѓе кои не се толку добри, а дури и немате ни автомобил да одите на некои места туку морате да пешачите. Ако сакате да се жалите има многу теми. Оние од вас кои имаат во просек по една жалба на ден нека кренат рака. Нема никој? Не е веројатно никој да не се жали!

Понекогаш луѓето се смеат на вас во погрешно време, а понекогаш луѓето ви стапнуваат на ногата па се жалите. Понекогаш кога сакате да ја преминете улицата некој се втурнува во вас отстрана и е неприатен. Ајде бидете директни; оние кои што се жалеле во просек по еднаш на ден нека кренат рака. Тоа е веќе поблиску до вистината. Оние чии што раце не се кренаа горе, вие лажете! Ова е доволно важно да зборувате за тоа бидејќи ако создадете навика за жалење тогаш никаков благослов нема да дојде до вас, дури иако Небото се обиде; ако се буните тогаш небото треба да ја промени својата насока. Како можете да сведочите и да бидете незадоволни во исто време? Никогаш не можете да му сведочите ефективно на друг човек ако се жалите.

Почнувајќи од денес, треба да носите некаков знак потсетник за случај да имате потреба од жалење. Ајде да се обидеме за остатокот на неделава никогаш да не се жалиме, дури ни еднаш, и дури и ако сретнете невозможна ситуација се уште смејте се со благодарност. Гледајте што ќе се случи кога ќе отидете да затропате на вратите на луѓето. Не мислете да го правите тоа за целиот свој живот туку само за една недела. Ако навистина го искусите ова тогаш на крајот на неделата јас ќе ве терам да се жалите и сите ќе одберат да не го прават тоа.

Еден грд човек кој се обидува да биде благодарен дури и ако има обемна причина да се жали има повеќе сила од некој многу убав човек. Тоа е како закон на отплата. Ако некој работи напорно кога не мора тогаш неговиот напор има многу поголемо значење отколку само да го исполни она што од него се бара.

Секој кој има многу причини да се жали но не се жали може да почувствува дека илјада пати повеќе отплатува. Оние кои не се родени убави но се благодарни се илјада пати подобри од убавиот човек или убавата жена кои што имаат во себе само јадови. Кога се погледнете во огледало, бидете решени да ги засрамите убавата жена и убавиот маж со тоа што сте благодарни цело време. Живеејќи на овој начин, ги срамите и луѓето кои се на високи позиции во светот. Можам ли да ви верувам во ова?

Многу луѓе можат да се молат со часови но тие се уште се жалат. Секако дека ова нема никаква смисла бидејќи тоа ги поништува нивните молитви. Без разлика колку пријатно една личност може да им сведочи на други луѓе ако на крајот на денот се жали тогаш тоа е како да се истура чиста вода во мочуриште; водата никогаш нема да стане чиста на таков начин. Гледајте на природата и на сите околу вас исто како да го гледате светлото сјајно сонце наутро.

Понекогаш се прашувам зошто мажите почнале да ги бричат нивните бради. Што мислите? Ако имате густа брада тогаш дури и ако имате смисла за длабока благодарност тоа не се гледа, но ако ја избричите брадата, и најмалата емоција се покажува на вашето лице. Мислам дека мажите почнале да се бричат заради тоа.

Што е со жените; зошто тие немаат бради? Тие треба да ја покажат секоја емоција што ја имаат и јас се надевам дека сите тие ќе бидат добри, позитивни емоции. Мислам дека жените се експерти по смеење, пеење песни и танцување. Единственото време кога мажите стануваат среќни е кога жените се среќни.

Денес е 18-ти јуни, и до 25-ти јуни ние ќе продолжиме да бидеме благодарни и среќни цело време. Ќе го сториме ли тоа? Мислам дека ако можете да живеете ваков живот за една цела година, ќе биде исто како да сте се молеле по три часа на ден. Ако би се молеле толку многу време, би станале поприемчиви за духовни искуства. Ако се чувствувате на овој начин, тоа ќе биде како сончев ден и цвеќињата ќе цветаат во топлината и секаде ќе има мир и задоволство. Можете да станете такви преку вашите чувства.

Има една корејска поговорка која вели дека хармоничното семејство секогаш ќе биде успешно. Тоа значи дека ако имате среќен, благодарен живот во ова движење и никогаш не се жалите, тогаш се што правите ќе донесе ништо друго туку успех, здравје и слога. Кога сте воодушевени и се смеете тогаш се отворате себеси и дури и вашата крв може да стане чиста. Ако живеете така тогаш дури и ако сте многу уморни откако сте се вратиле од дневното сведочење, ќе изгледате многу поубави отколку наутро кога излеговте надвор по освежителното спиење.

Ако тогаш се уште не можете да толерирате нешто и само што не сте избувнале, секогаш повикајте го Божјето име. Тогаш ќе ја совладате таа ситуација затоа што Бог совладувал за илјадници години. Ако јас можам тоа да го направам и вие можете. Ако го имате тоа чувство тогаш можете веднаш да пребродите секој проблем.

Немојте да го земате ова за лесно; мислев дека имав потреба да ви зборувам за ова повеќе од што и да е друго. Кога ве погледнав помислив дека ова беше она што вам најмногу ви треба... да се биде благодарен во секоја ситуација.

Да се помолиме...